Штипската економија годинава ќе биде побогата за две нови фабрики, но ќе продолжат проблемите во најзастапената – текстилната индустрија во однос на немањето квалитетна работна сила. За годинава е најавен и стартот на изградбата на новиот Клинички центар, а економските аналитичари сметаат дека градот има големи можности и во четвртиот економски столб, а тоа е информатичката технологија. Нова фабрика веќе напролет ќе почне да гради познатата компанија „Актива“. Аргир Лазовски, технички директор, вели дека остануваат на ветувањето од лани дека годинава ќе ја изградат и втората фабрика во која ќе се произведуваат делови од новата програма на белгиската фирма за производство на автобуси „Ван хоол“.
Штипската економија годинава ќе биде побогата за две нови фабрики, но ќе продолжат проблемите во најзастапената – текстилната индустрија во однос на немањето квалитетна работна сила. За годинава е најавен и стартот на изградбата на новиот Клинички центар, а економските аналитичари сметаат дека градот има големи можности и во четвртиот економски столб, а тоа е информатичката технологија.
Нова фабрика веќе напролет ќе почне да гради познатата компанија „Актива“. Аргир Лазовски, технички директор, вели дека остануваат на ветувањето од лани дека годинава ќе ја изградат и втората фабрика во која ќе се произведуваат делови од новата програма на белгиската фирма за производство на автобуси „Ван хоол“.
„Минатата година, во рекордно време, за неполни пет месеци ја изградивме првата од двете фабрики за ’Ван хоол‘ со 8.600 квадратни метри, а во неа денес наголемо се произведуваат делови за шасии за автобусите на белгиската компанија. Уште една таква фабрика, веднаш до постојната, започнуваме да градиме во март, а тоа ќе значи и отворање на поголем број нови работни места“, вели Лазовски.
Во технолошкоиндустриската развојна зона се гради втората од планираните 50-ина фабрики. По изградбата на фабриката за производство на автомобилски навлаки, овде се гради фабрика на германската компанија „Техникал текстил“, за која е најавено дека ќе биде завршена годинава. Според најавите, во првата фаза ќе бидат вработени 200 лица, а во поблиска иднина таа бројка треба да се заокружи на илјада вработени.
Според Стојче Самарџиев, економски аналитичар од Штип, локалната економија и годинава, а и многу години потоа ќе си остане со одамна дефинираните глобални носители на стопанскиот живот на општината.
„Во нашата преработувачка индустрија тоа е групата ’конец – лепило‘, односно ’платно – кожа‘, што имплицира дека текстилната и кожарско-преработувачката индустрија и понатаму ќе останат темел на локалната економија. Но, Штип мора да знае да го искористи големиот ресурс што го овозможува Универзитетот ’Гоце Делчев‘, а тоа е развојот на четвртиот економски столб, односно, на информатичката технологија. Преку развојот на хардверот и софтверот можат да се вработат сите постојни и идни инженери и други високостручни кадри од областите информатика, електроника, машинство, медицина, биологија.... На овој столб треба да му помогнат државата преку својата фискална и монетарна политика и Општината со многу олеснувања, но тука своја улога имаат и банките кои треба да обезбедат поволни кредити. Овие групи можат да бидат многу конкурентни и во еден поширок регион, потребно е само да бидат соодветно поддржани“, вели Самарџиев.
И додека „Техникал текстил“ се надева дека за новата фабрика, колку за старт, ќе обезбеди 200 текстилни работници, 80-ина фирми од оваа сфера се на мака како да ја обезбедат потребната квалификувана работна сила. На тоа постојано укажува и бизнисменот Венцо Филипов.
„Нашите конфекции имаат голем проблем со обезбедувањето квалификувана работна сила. Ако и државата се вклучи во решавање на овој проблем, ние годинава би можеле да се надеваме на подобрување на состојбата. Имено, потребно е да се реформира средното образование така што ќе се намалат паралелки во средни стручни училишта од кои е презаситен пазарот на трудот, а ќе се зголеми бројот на паралелки во текстилното училиште. За ова училиште се потребни бенефиции, зашто секој завршен ученик однапред има обезбедено работно место. Ако не се направи нешто посериозно во оваа насока, ние набргу ќе се соочиме со затворање на дел од конфекциите, и тоа не поради недостиг од работа, туку поради немање работници за неа“, вели Филипов.